Како што се наближуваме до 5та годишнина од постоењето на Паркленд, сo задоволство се осврнуваме на тимот кој изминативе години беше столбот на сите промени. Кога велиме промени, мислиме на тимот кој заеднички ги помина сите предизвици и искушенија, успеа да ги претвори предизвиците во можности за раст и напредок и со личниот развој придонесува кон севкупниот корпоративен раст на компанијата.

Несомнено личниот и компанискиот раст треба да одат во иста линија, а секоја година носи нови предизвици и скалила што треба да се искачат, како тим.

Во овој блог ви го доближуваме поблиску нашиот бар супервизор во ресторанот Four, Ненад Нешевски.

Ненад е тука веќе 3та година и со насмевка одговара на сите прашања.

За него колегите велат дека без разлика на дневните околности и ситуации, секогаш ги пречекува со насмевка.

Неговиот колега од барот на Four Илија вели дека взаемната поддршка им овозможила полесно да се справат со новонастанатите околности.

Неговата пасија кон работата и желбата за напредок му донесоа промоција на неговата позиција од тогашен Бармен на самиот почеток, до Супервизор, позиција која од неодамна ја има.

Што вели Ненад?

Ненад пред се плени со неговата скромност и вели дека целиот тим во Four ја дели заеднички заслугата.

Успеавме да добиеме неколку искрени одговори на нашите прашања и љубопитност.

Без што не можеш да си го замислиш денот?

Без најубавото сонце, мир и спокој на нашата нова тераса кога започнуваме со подготовките за денот и се брифираме за сите активности. И секако, без утринското кафе што го пиеме од нога со колегите. Вечерите под ѕвездено небо во градината, насмеаните луѓе и задоволни гости…многу работи.

Што претставуваше најголем предизвик за тебе изминативе 2 години?

Несомнено помирувањето дека треба да се прилагодиме на новото нормално, а притоа да се однесуваме пред нашите гости како ништо да не се променило, а во позадина милион отворени прашања за како понатаму. 

Неизвесноста за она што би можело да не очекува беше исцрпувачка, незнаејќи секој нареден ден што ќе донесе. Драго ми е што тоа е веќе позади нас, уште подраго ми е што успеавме да останеме како едно семејство, и да го зачуваме ентузијазмот. Дефинитивно вредеше.

На што си најмногу горд во изминатиов период?

Многу сум среќен што и покрај целава пандемиска година, поддршка меѓу колегите никогаш не изостана и кога ни беше тешко се поддржувавме еден со друг и не само што опстанавме, туку станавме уште подобри, секој во својата бранша. Секој ден за нас е нов почеток, нова можност.

Горд сум што останавме не само тим, туку сплотен тим, подготвен да победува.

Кога би можел да издвоиш нешто како поразлично од аспект на претходните вработувања, што би било тоа?

Ме радува фактот што ние во Four, а сигурен сум и другите колеги во Паркленд, имаме многу непосреден однос и целосна слобода во давање на идеи, без разлика на хиерархијата. Секој од нас може да напредува и да се надградува во она што го сака, секој од нас може да тропне на врата и кај менаџментот и кај сопствениците. Многу често се случувало заедно да седиме да решаваме оперативни ситуации и проблеми. Секако, тука сме помногубројни, знаеме често да имаме и несогласувања. Но најважно од се е што имам колеги со кои знам дека кога јас нема да можам нешто, колегата ќе ме подбутне…и обратно. Кај нас нема ЈАС, има само тим, сите зависиме еден од друг. Верувам дека тоа е еден од клучевите за успех зошто Паркленд е она што е во моментов.

Што си посакуваш за понатаму?

Посакувам и понатаму да ни расте тимот, затоа што неминовно со порастот на обемот на работа секогаш имаме потреба од помош и од добри колеги кои ќе делат со нас и добро и лошо.

Посакувам поголемо светло на сцената, што секако само по себе носи поголема одговорност, но и повеќе можности да се докажеме. За да можам јас и колегите да растеме и одиме нагоре, треба и компанијата да оди нагоре, двете работи една без друга не можат.

Што побрзо да ги тргнеме маските од лицата, за да можеме да дишеме со полни гради и да можат нашите гости и клиенти уште подобро да ги видат нашите насмевки и ликови.

Посакувам уште многу насмеани лица и задоволни гости, полни тераси…за да имаше уште поголема инспирација и да бидеме уште подобри.

И пред се здравје и благосостојба кај сите. Се останато ќе си дојде, со упорност и работа.